Еве го најдоброто нешто што го јадевме во Њујорк. Нека не ве мами изгледот на сендвичиве. Вкусот беше да паднеш во несвест. Ова се сендвичи од Baogette, во Њујорк има 3 мали Baogette ресторанчиња кои продаваат виетнамски сендвичи, супи, noodles и слично. Ова е сендвичот со пилешко на скара. Беше фантастичен, но сепак второ место зад сендвичот со свинско на сликата подолу.
Овој неверојатен сендвич беше толку добар, таму отидовме и втор пат само за него. Изгледа многу скромно, но помеѓу мекиот француски леб имаше 4 вида свинско: печено свинско со виетнамска маринада - ова беше слатко и прекрасно, две разлишни домашни свински паштети и домашна terrine (како пача, ама без желето и со многу повеќе месо), плус скиселени моркови, краставица и даикон, свеж кориандер и мајонез помешан со чили сос Срирача. Кога би можела би го јадела овој сендвич барем два пати неделно додека не остарам! Дефинитивно имам план да пробам да го направам дома и да ви го кажам рецептот на блогот.
Еве го следното најпосакувано нешто за нас од Њујорк (ние сме по месото, не толку по Gucci на Fifth Avenue). Хамбургерите од Shake Shack според некои се најдобрите во Њујорк. Месото е специјална мешавина на биолошко телешко, кое е свежо мелено секој ден. Минатиот пат кога јадевме таму јас изедов два и сериозно размислував за трет. И нејќев да си одам. Ниеден хамбургер кој сум го пробала до сега не може да се спореди со вкусот од Shake Shack. Лепчето е фантастично а ставаат и некој специјален сос.
Освен бургери, јадевме и помфрит со стопен кашкавал и пиевме милкшејк од ванила. За овој оброк сонувам кога сум гладна.
Еве што јадевме за ручек еден ден од шведската маса во супермаркетот Whole Foods. Бевме импресионирани од квалитетот и вкусот кој го имаат. Се беше прекрасно. Јас јадев пилешко кари, вегетаријанско кари со грашок и компири, пире, павлака, сирење ... од се по нешто... тешко е да се контролира човек кога има таков избор.
Џипу јадеше кари, боранија, ориз, buffalo пилешки крилца и уште којзнае што.
Следниот сендвич е повторно со свинско. (пардон ако изгледа ко да не спонзорирал некој месар на патувањево, ама не можевме да одолееме) Ова е од ресторанот Porchetta - во кој прават сендвичи со порkета - традиционално печено свинско од централна Италија, зачинето со рузмарин, фенел, лук и други нешта. Месото беше феноменално... се топеше во уста, плус имаше и доста крцкава кожа.
Еве уште еден бургер. Овој беше сосема обичен и ништо посебно. Го јадевме во The Counter, интересно беше тоа што ти даваат список со едно чудо опции кои можете да си ги додадете на бургерот. Во Shake Shack не ти даваат список со милион опции, ама таму бургерот е незаборавен па не ти треба ни избор ни опции. Меѓутоа, овој помфрит направен од сладок компир беше супер.
4 comments:
majo, posle chitanjeto na chovek mu doagja da stane i da odi da si kupi hamburger ili nekoj sendvich so mnogu meso.
Bas mi e milo.... ako ne te tera na toa... nesto ne e vo red so postot...
Ja gi cekam receptite...mmmmm...a ne mozam da docekam sakam sega da gi jadam prekrasnice nesta...aj ako moze da go probas prvo toploto cokolado od Starbucks :D
Vazi, ke go probam vikendov ! Mislam deka ke bide lesno da se napravi!
Maja
Post a Comment